ОД ОТВОРАЊЕТО НА ИЗЛОЖБАТА „МАЈСТОРИ“
Во вторникот, на 22 јули 2025 година, во просториите на Галеријата на Детскиот ликовен центар – Градско здружение на ликовни педагози – Скопје, со почеток во 19:30 часот, Здружението за промоција на интелектуални, мултикултурни и спортски вредности МОТУС од Куманово, заедно со својот Фото клуб МОТУС, свечено ја отвори изложбата на уметничка фотографија под наслов: „МАЈСТОРИ“ од авторот Борислав Миловановиќ од Бор, Србија.
Оваа изложба не претставува само збирка фотографии – таа е сведоштво за децениска посветеност, мајсторство во управувањето со светлина и сенка, и длабоко разбирање на визуелниот јазик. Преку објективот на Миловановиќ, посетителот патува низ светови во кои секој кадар е внимателно создаден, секој момент уловен со душа, а секој детаљ зборува тивко, но моќно.
„МАЈСТОРИ“ е наслов што сосема оправдано ја носи оваа изложба – не само затоа што авторот е вистински мајстор на својот занает, туку и затоа што преку неговите фотографии се оддава почит кон мајсторството во секојдневниот живот, трудот и уметноста.
Борислав Миловановиќ е автор со меѓународен углед, чие скоро пет децениско успешно творештво е признато и наградувано во повеќе десетици земји низ светот. Оваа изложба ни овозможува ретка и вредна можност да се запознаеме со дел од неговата богата и инспиративна уметничка продукција.
На изложбата се претставени 32 фотографии (формат 30 x 40 cm), работени во црно-бела техника, на тема: портрети на мајстори во нивното секојдневие. Преку објективот на авторот, публиката има можност да навлезе во магичниот свет на човекот-мајстор, каде се среќаваат занаетот, традицијата и личната приказна.
Изложбата е под покровителство на Фото сојузот на Македонија (FSM) и Меѓународната асоцијација за фотографија Дунав (DIPA) од Србија, а е поддржана од Детскиот ликовен центар – Градско здружение на ликовни педагози – Скопје. Таа е отворена за сите љубители на уметноста, фотографијата и културниот израз.
Изложбата ќе биде достапна за јавноста до 31 јули 2025 година.
Ве покануваме да бидете дел од ова визуелно доживување.